Краток водич за здрав имун систем

 



Што е тоа имун систем?


Имуниот систем е комплексна мрежа од клетки, ткива и органи, која ви помага да се обраните од разни инфекции и од други болести.


Имуниот систем е составен од повеќе делови: кожата која спречува разни микроорганизми да навлезат во телото; мукозни мембрани кои создаваат мукус и разни супстанци кои може да ги заробат микроорганизмите и да се борат против нив; белите крвни клетки; лимфниот систем (тимус, слезина, крајници, лимфни јазли, лимфни садови и коскена срцевина).


Како функционира нашиот имун систем?


Вашиот имун систем го брани вашето тело од супстанци кои тој ги гледа како штетни и страни. Овие супстанци се нарекуваат антигени. Тоа може да бидат бактерии и вируси може да бидат и хемикалии и токсини, а исто така може да бидат и оштетени сопствени клетки како канцерогени клетки или клетки од изгореници.


Кога имуниот систем ќе препознае антиген, тој го напаѓа. Ова се нарекува имун одговор. Дел од овој одговор е производството на антитела. Антителата се протеини чија работа е да го нападнат, да го ослабнат и да го уништат антигенот.


Вашето тело исто така синтетизира и други клетки кои се борат против антигенот. На крај вашиот имун систем го памти антигенот и ако се соочи со истиот антиген повторно, тој може да го препознае. Тогаш брзо ќе ги испрати соодветните антитела, па во повеќето случаи нема воопшто да се разболите. Оваа заштита против некои болести се нарекува имунитет.


Што можеме ние да направиме за да му овозможиме оптимални услови за работа на нашиот имун систем?


Хигиената е половина здравје, што значи дека добри хигиенски навики се навистина потребни со цел да не се инфицираме баш со секој микроорганизам со кој ќе дојдеме во контакт.


Но сакам да напоменам дека обидот за живеење во стерилен свет и прекумерното миење и дезинфекција на раце исто така си има докажани негативни последици, особено кај малите деца чиј имун систем сè уште не е развиен и кои сè уште се немаат сретнато со доволно микроорганизми кои би им помогнале да изградат здрав имун систем.


Секако дека не ви препорачувам ниту на вас ниту на вашите деца свесно да се движите помеѓу луѓе кои имаат сериозни вирусни, бактериски или други инфекции, за да изградите добар имун систем, но ви велам дека дефинитивно не треба да претерувате со обидите вашите деца и самите вие да живеете во стерилен свет, бидејќи едноставно нашето тело не е креирано за да живее таков живот.


Не се инфицирајте свесно со опасни микроорганизми, но не се обидувајте целиот живот да го поминете без ниту една настинка, грип или друг често присутен вирус.


Освен хигиената, другите најважни работи кои можете да ги преземете за да му овозможите оптимални услови за работа на вашиот имун систем се: здрава храна, доволно сон и соодветен сон, добро ментално и духовно здравје, добро орално здравје (здравјето на забите), соодветен одмор, соодветна физичка активност, доволно вода, доволно време поминато на чист воздух и сонце, обид за живот во што поздрава средина.


Природни имуностимулатори?


Постојат многу нешта кои се познати како природни имуностимулатори, некои од нив имаат научно докажани позитивни придобивки, а некои сè уште не се истражени доволно.


Бидејќи често се користи зборот имуностимулатор, сакам да кажам дека најважната работа не е стимулирањето или поттикнувањето на имуниот систем, туку најважната работа е да се овозможат соодветни услови за работа на имуниот систем и за креирање на здрав имун систем.


Инаку сите знаеме дека постојат и автоимуни болести каде имуниот систем е и повеќе од стимулиран но за жал наместо да се бори против страни и штетни антигени тој се бори против сопственото тело.


 Сакам само да кажам дека не треба толку многу да се опседнуваме со терминот имуностимулатор, бидејќи вас всушност ви треба само здрав имун систем, стимулиран имун систем не значи секогаш и здрав имун систем, и затоа прво треба да градите здрав имун систем, а потоа да го “стимулирате“ тој здрав имун систем.


Некои од нештата кои можам да ви ги наведам се: пчелини производи (мед, матичен млеч, прополис, перга итн), црвени овошја, сируп од бозел, ѓумбир, цимет, куркума, кефир, цитрусни овошја богати со витамин Ц, лук, кромид, некои билки.


Кои нешта се најважни за правилна работа на нашиот имун систем?


Како што кажавме, прво и основно е здрав имун систем кој работи правилно, а не стимулиран или силен имун систем (кој уништува сè пред себе). Автоимуните болести сè уште се истражуваат, многу работи околу нив не ни се јасни, но има неколку работи кои произлегоа од истражувањето на овие болести и кои навистина се поврзани со работата на имуниот систем. Како најважни нешта потребни за правилна работа на имуниот систем би ги наведиле:


1. Здрав гастроинтестинален систем и здрава микробиота. Иако се потребни дополнителни истражувања, сепак постојат доста студии кои наоѓаат врска помеѓу здравјето на гастроинтестиналниот систем, микробиотата и имуниот систем.


Некои од начините на кои овие нешта се поврзани се: доколку вашите црева не се здрави и немате здрава микробиота постои можност за појава на leaky gut т.е. “пропустливи црева“, при што во крвотокот навлегуваат нецелосно дигестирани состојки од храната, што понатаму може да води до молекуларна мимикрија. Ова се случува кога имуниот систем ги препознава овие нецелосно дигестирани супстанци како штетни антигени и се подготвува да ги нападне и да се бори против нив, но кога се случува тие да имаат слична структура со некои наши сопствени клетки и ткива, тогаш имуниот систем покрај тоа што го уништува “штетниот антиген“ уништува и сопствено здраво ткиво.


Друг начин на кој здравата микрофлора ви овозможува и здрав имун систем е и тоа што: бактериите во цревата служат и за синтеза не некои витамини, ензими и други состојки кои се важни за нашето здравје; здравата микрофлора исто така нè штити од инфекции со патогени микроорганизми, и исто така здрава микрофлора е важна за здравјето на цревата и за правилна функција на цревата – апсорпција, дигестија и искористување на сите нутиренти.


2. Доволни количини на витамин Д. Витаминот Д всушност не е баш витамин, туку е хормон и има многу важни функции за добра работа на имуниот систем. Тој е важен за работата на белите крвни клетки, и неговиот дефицит е поврзан со поголема можност за инфекции и со поголема можност за развивање на автоимуност.


Сите кои ме следите знаете дека јас дефинитивно не сум поборник за употреба на суплементи, но кога станува збор за витамин Д сметам дека неговата суплементација е навистина оправдана, посебно во зима и посебно кај одредена категорија на граѓани кои се посклони кон развој на дефицит на витамин Д, или на кои им се потребни поголеми количини на витамин Д.


Витамин Д е особено важен во контролирање на имуниот одговор, кој е последица на разни инфекции. Доколку имуниот одговор не е добро исконтролиран тој може да направи навистина голема штета и на здравите клетки и ткива во нашето тело, но витаминот Д е клучен за регулирање на проинфламаторните и антиинфламаторните цитокини и за регулирање на работата на Т регулаторните клетки.


3. Здрава храна (која ќе ве обезбеди со сите нутриенти што ви се потребни), здрав живот и апстиненција од штетни навики и супстанци (како нередовен сон, неконтролирана употреба на алкохол, пушење цигари, непотребна употреба на лекови итн). Здрави мисли, добро духовно и ментално здравје, без што сите други нешта не би имале полн ефект.

 

No comments:

Post a Comment

@the_healthier_you_